Винариите во Македонија немаат залихи и се заинтересирани за откуп на 150.000 тони грозје, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на трибината со тиквешките лозари во Неготино.

Тој најави дека Министерството ќе ги објави производните цени за килограм грозје. Се вршат, рече, анализи и согледувања, и нема да се дозволи како порано, винарии да откупуваат, а да не го плаќаат грозјето.

Николовски беше дециден дека со успешни преговарања се успеало поранешните долгови на винарската визба „Повардарие” од четири милиони евра, да се намалат на десет милиони денари. - Работна група подготвува измени во законските одредби кои ја регулираат оваа проблематика. Тука сме да ги слушнеме сите согледувања. Може ќе се стават дополнителни инструменти со кои лзоарите би биле дополнително заштитени, нагласи Николовски.

Лозарите се интерисираа за откупната цена на грозјето, најмногу за визбите „Повардарие“ и „Стефани“ кои се уште им должат за претходни реколти, а побараа и да се намали рокот за исплата од преземањето на количините.

Министерот изрази задоволство што годинава навреме се одржуваат состаноците со лозарите и винарите, како и со другите земјоделци. Дијалогот ќе продолжи, а откупната сеозна ќе се следи активно за да се реагира навреме ако е потребно.

Николовски информираше за реализацијата на директната поддршка. Рече дека лани се исплатени заостанатите субвенции од 2016 година, а имаше и зголемување за 10 проценти, од 40.000 денари на 44.000. Најголем дел од средставта за лозарите се исплатени во декември и јануари, вкупно над 745 милиони денари за хектар, но исплатена е и дополнителната поддршка од над два милиона евра.

Според Николовски, во Неготино денеска се исплатени и обесштетувањата, вкупно 25 милиони денари за лозарите. - Само денеска и вчера околу 1,5 милион евра Платежната агенција исплати за штетите насекаде низ Македонија, односно вкупно над четири милиони евра, соопшти Николовски.

Се осврна и на новите мерки. Сите производители кои имаат меѓу еден и десет хектари лозови насади ќе добијат 20 процентно зголемување на субвенциите, од 40.000 на 48.000 денари.

- Со 12.000 денари ќе се поддржува промена на сортата грозје зашто ако сакаме да се движиме кон ЕУ и ако сакаме да ги отвораме странските пазари, мора да произведуваме барани производи, мора да се научиме да се менуваме, да создадеме модерно и конкурентно земјоделство. Ме радува и во делот на ИПАРД што за разлика од порано, оваа година имаме зголемено искористување на средства. Особено во лозарството, но и кај винарството со нови опреми и технологии, зголемување на производствените капацитети, рече Николовски.

На трибината беа и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, раководителот на подрачната единица на Министерството, директорот на подружницата на АД „Водостопанство”, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, градоначалникот Тони Делков, пратеници, претставници на институциите на локално ниво,..



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 16:14