Стопанската комора на Македонија денеска организираше заедничка средба на претставници на компаниите членки на Комората со гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

На средбата, како што соопшти Стопанската комора на Македонија, беа разгледани повеќе прашања, меѓу кои и тековниот макроекономски амбиент и состојбите во банкарскиот систем. Имајќи го предвид значењето на макроекономската и финансиската стабилност при носењето на деловните одлуки и планови на компаниите, посебен акцент, посочуваат во соопштението на средбата, е ставен на разгледувањето на последните очекувања на Народната банка во овој поглед, а особено на макроекономското сценарио за периодот 2018-2019 година.

Гувернерката на НБРМ даде детален осврт на клучните претпоставки за надворешното окружување, коешто е особено важно за мала и отворена економија како македонската. Притоа, е потенцирано дека глобалната економија и понатаму закрепнува, но со понагласени ризици во контекст на сè поизразениот глобален трговски протекционизам.

На средбата се разгледаа и проекциите на Народната банка во однос на економската активност, инфлацијата, надворешната позиција на економијата и кредитната активност на домашниот банкарски систем.

Гувернерката истакна дека и овие последни проекции посочуваат на здрави фундаменти на економијата, со потенцијал за раст, без притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, коишто се во сигурната зона. Поддршка на економијата се очекува и од банкарскиот систем, којшто и натаму е стабилен, ликвиден и добро капитализиран.

На средбата се разгледани и најновите економски и финансиски показатели, при што е заклучено дека тековите се главно во согласност со очекувањата, со исклучок на економската активност којашто е послаба заради инвестицискиот пад и ја покажува потребата од побрзо и посилно ревитализирање на циклусот инвестиции. Посебно внимание е посветено и на можните внатрешни и надворешни ризици во периодот што следува.

Оваа средба беше одржана заради унапредување на јавно-приватниот дијалог. Во завршницата на средбата, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Комората Бранко Азески, заеднички нагласија дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина и дека дополнително ќе се работи на унапредување на соработката и комуникација меѓу централната банка на Република Македонија и бизнис заедницата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 16:14