Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев кој, придружуван од заменик-претседателката на партијата Радмила Шекеринска се наоѓа во посета на Брисел, денеска учествуваше на состанокот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС).
Претседателите на партиите на социјалистите и на социјалдемократите го поздравија Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција за прашањето за името и за стратегиско пријателство и го оценија како европски за начинот на кој е постигнат и за перспективите што се отворија за Македонија со датумот за преговори и за поканата за НАТО која се очекува на претстојниот Самит на Алијансата во Брисел.
Заев, како што соопштија од СДСМ, изрази благодарност за поддршката на колегите од ПЕС особено на високата претставничка на за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас истакна дека со прогресивни лидери какви што има во редовите на Партијата на европските социјалисти и најсложените прашања имаат решение.
Тој, се додава, побара поддршка и во периодот на спроведување на Договорот.
Лидерот на СИРИЗА Ципрас, од своја страна Договорот со Република Македонија го оцени како историски и се заблагодари на претставниците од ПЕС кои во континуитет го поддржуваат процесот што му претходеше на Договорот.
Според членките на ПЕС, повеќе шефови на влади и претседатели на влади прогресивните влади во Албанија и во Македонија го направија можно двете земји да добијат датум за старт на пристапните преговори со ЕУ во 2019 година.
- Јасно е дека херојските напори на владите во Тирана и Скопје да ги подготват своите земји за пристапните преговори со ЕУ конечно вродија со плод. Тоа ќе биде од корист не само за безбедноста и стабилноста на регионот, туку и за цела Европа и е можност двете земји да го добијат заслуженото место на масата на ЕУ, рече претседателот на ПЕС Сергеј Станишев кој претседаваше со состанокот.
Состанокот на Партијата на европските социјалисти се одржува пред Самитот на Европскиот совет во Брисел.