Три лица се уапсени денеска во Приштина и Скендерај (Србица), а едно во Германија, под сомнение дека извршиле терористички дејствија, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Како што соопшти косовската Управа за борба против тероризмот, денешното апсење е резултат на неколкумесечна истрага, спроведена во соработка со Агенцијата за разузнавање на Косово и со соодветните германски служби, а четирите лица се уапсени по налог на Основниот суд на Приштина.
- Во операцијата, во својство на осомничени, приведени се во Управата за борба против тероризмот три осомничени лица (Р.К., А.А. и Л.М.), под основано сомнение дека истите извршиле кривични дела против уставниот ред и безбедноста на Република Косово, кои се во врска со тероризмот, се вели во соопштението на Управата.
Во истото се додава дека акцијата е изведена во координација и тесна соработка со германските власти, кои постапија според меѓународната потерница издадена од Основниот суд во Приштина за апсење на лицето Б.Б.
Во операцијата како материјални докази се запленети една автоматска пушка АК47, три оквири за истата пушка со 40 куршуми, една воздушна пушка, пиштол „колт“ и еден двоглед, автомобил со странски регистерски таблички, како и електронска опрема и други средства, кои се користени за извршување на кривичното дело.
По налог на обвинител од Специјалното обвинителство на Косово, на осомничените им е изречена мерка притвор во траење од 48 часа.