Постојат сериозни проблеми во администрирањето на даноците на имот во Скопје, за чие надминување се неопходни промени на законоите за даночна постапка, за даноци на имот и на платен промет, и на методологијата за проценка на имот. Со тоа ќе се намалат поплаките од граѓаните и ќе се подобри наплатата која не е на задоволително ниво, покажува денеска претставената анализа „Кон поефикасен и поправеден систем за даноци на имот“, спроведена во рамки на проект поддржан од Европската унија.

- Првенствено треба да се промени пристапот во проценката на вредноста на имотот со цел реално да се утврдува неговата вредност, а граѓаните да немаат поплаки дека нереално им се искажува висината на данокот, изјави Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, вклучена во подготовката на анализата.

Според Николов, методологијата за проценка на недвижностите е доста сложена и најчесто не се излегува на терен за да се направи проценка. - Со методолгијата се бара да се излезе на терен, но општините немаат доволно ресурси да го остварат тоа и да ги покријат сите имоти. Потребно е нејзино поедноставување и обезбедување како општините можат да вршат увид на терен. Тоа најдобро би било да се направи во кооординација со Катастарот преку масовната проценка, смета Николов.

Анализата покажала и оти има сериозни проблеми и во делот на присилна наплата на даночните решенија каде има случаи на граѓаните да им се наплаќа за веќе претходно платен данок. Граѓаните се пожалиле и на високите банкарски провизии, како и за извршување на решенијата за наплата. Има поплаки од граѓаните и од аспект на тоа што честопати не се исполнува законската обврска дека треба да им се остават две третини од приходот по основ на плата или пензија и на тој начин се доведува во опасност нивната егзистенција.

Како што рече Николов, некоординиацијата на институците е причина и за случаи на издавање решенија за данок на имот на починати лица, но и на поранешни сопственици на некој имот затоа што не е доставена информација за направената промена на сопственоста.

Според анализата, граѓаните се малку запозаени со можноста електронски да вршат преглед и плаќање на данокот на имот. Град Скопје воведе таква услуга но се препорачува да се спроведе поголема кампања за граѓаните да се запознаат со можноста.

За спроведување на препораките од анализата, смета Николов, секогаш се проблем финансииите. Се надева дека за оваа намена Министерството за финансиии ќе одвои дел од средствата од Програмата за управување со јавните финансии за кои добива скоро 40 милиони евра од ЕУ. Со тоа ќе им се помогне на општините да ги уредат подобро работрите, да направат попис на имотот и ажурирање на адресниот регистар за да може на долг рок да се зголеми процентот на наплата на даноците.

Заклучоците од анализата беа соопштение пред претставници од Министерството за финансии, град Скопје, и други општини.

Анализата е завршна активност на проектот „Кон поквалитетни и подстапни услуги за граѓаните - мониторинг на даночната администрација во град Скопје“. Поддржан е од Европската унија преку иницијатива што се спроведува во соработка со Институтот за европска поитика и мрежа од 22 граѓански организации од шесте држави во Западен Балкан наречена ВЕБЕР.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2018 13:44