Косовскиот вицепремиер и министер за nадворешни работи Беџет Пацоли објави денеска цитат од дело на српскиот писател и некогашен претседател на СР Југославија Добрица Ќосиќ, со цел да ги демантира тврдењата на својот српски колега, Ивица Дачиќ, дека неколку земји го повлекле признавањето на независноста на Косово.

Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, Пацоли го цитира делот од романот на Ќосиќ „Делби“, каде што тој тврди дека „лагата е српски национален интерес“, што, според шефот на косовската дипломатија, е доктрина според која се води и српскиот министер за надворешни работи.

- Ова е патоказот на политиката на Ивица Дачиќ и српската Влада. Прочитајте според која доктрина се водат тие наспроти Косово и ги фабрикуваат вестите во медиумите кои ги контролираат во Србија, напиша на Фејсбук Пацоли, објавувајќи ги наводите на Ќосиќ преведени на албански, но и во оригинал, на српски.

„Таткото на српската нација“, како што потсетува Пацоли дека често се нарекува српскиот писател, политичар и академик кој почина пред четири години, во цитираниот дел од романот „Делби“, пишува:

„Лагата е српски национален интерес... Лагата е спектар на српскиот патриотизам и доказ за нашата вродена интелегенција. Лажеме креативно, имагинативно, инвентивно... Лагата е во самото српско битие... Во оваа земја лагата на крајот станува вистина... Србите толку пати во историјата ги има спасено лагата“.

Реакцијата на Пацоли уследи по денешната негова објава дека Либерија акредитира амбасадор на Косово, неколку дена откако Дачиќ изјави дека таа земја ја повлекла одлуката за признавање на независноста на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2018 14:39