Македонија направила голем напредок во имплементацијата на т.н. меки мерки во енергетскиот сектор изминатата година, оценува Енергетската заедница во „Мониторинг извештајот за електрична енергија во земјите од Западен Балкан“.
Спроведувањето на меките мерки што се однесуваат на развивање на пазарот на електрична енергија, на прекуграничното балансирање, како и мерки поврзани со регионалната распределба на капацитети во јуни минатата година биле на ниво од 38 проценти, додека во јуни годинава достигнале ниво од над 50 проценти.
- Напредокот започна по одржување на Самитот за Западен Балкан во Трст, а во најголема мера се должи на донесувањето на новиот Закон за енергетика, во кој се имплементирани европските директиви и регулативи од Третиот енергетски пакет. Најголемо поместување напред има во спроведување на мерките за развојот на пазарот на електрична енергија, кои пред Самитот во Трст беа на ниво од околу 18 отсто, за да по донесувањето на новиот Закон за енергетика достигне ниво од 44 проценти. Преку новиот Закон за енергетика се овозможува воспоставување на пазарниот механизам „ден однапред“ во Република Македонија и во моментов, само Босна и Херцеговина, од земјите во регионот нема воспоставено ваков пазарен механизам, заклучуваат од Енергетската заедница, се наведува во извештајот за кој информира Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања.
Значително подобрување има и во спроведувањето на мерките за прекугранично балансирање, а од Енергетската заедница очекуваат дополнително подобрување во оваа област со донесувањето на новите правила согласно Законот за енегетика. Подобрувања има и во имплементацијата на мерките за распределба на регионалните капацитети на електрична енергија, како и во вкрстените мерки со кои се влијае на дерегулација на цените и раздвојување на операторите со електрична енергија.
- Податоците изнесени во извештајот се уште една потврда дека Република Македонија сериозно пристапи кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор, откако во јуни, по донесување на Законот за енергетика, Секретаријатот на енергетската заедница ги повлече и споровите покренати кон Република Македонија поради неспроведување на преземените обврски од Договорот за Енергетска заедница, оценуваат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.