Мажот, кој вчера смртно застрела најмалку пет лица во новинската редакција на „Капитол Газет“ во Анаполис, Мериленд, бил во долгогодишен спор со уредништвото, соопштија денеска локалните власти.
Полицијата и очеводци соопштија дека напаѓачот пукал низ стакло во потрага по жртвите.
Полицискиот началник Вилијам Крампф на прес-конференција соопшти дека меѓу жртвите е и 59-годишниот помошник-уредник Роб Хајсен и дополни дека во нападот се убиени уште четири лица.
- Тоа беше планиран напад на Капитол Газет. Таа личност била подготвена да убива луѓе. Неговата намера била да ги убие, истакна Крампф.
Осомничениот за нападот е Џерод Рамос (38) од Лорел, и тој се наоѓа во притвор. Тој во 2012 година поднел тужба за клевета против Ерик Хартли, поранешен колумнист и Тамас Меркуадо, тогашен уредник и издавач на весникот. Судот во Мериленд во 2015 година донесе пресуда во корист на весникот и обвинетиот новинар.
Според правните документи, во написот се тврдело дека Рамос вознемирувал некоја жена на Фејсбук и дека ја признал вината за кривично дело вознемирување. Судот се согласил дека написот бил точен и базиран на јавно достапни податоци.
Рамос на Твитер соопшти дека туќи луѓе од округот Ен Арандел бидејќи „преку трупови градат корумпирани кариери“.