Претседателката на Движењето за социјалистичка интеграција Моника Круемади, партија трета по големина во Абанија, одлуката на Советот на Европската унија за условени преговори во јуни 2019 година,ја оцени како изгубена шанса и за се го обвини премиерот Еди Рама и неговата влада.

-Отворањето на преговарачкиот процес претставуваше витална можност за Албанија, да го развие не само политичкиот, туку и економскиот живот во земјата. Сепак, проблемите што ги има владата со спроведувањето на правната реформа, неапсењето на „големите риби", кои се под заштита на Рама, но и поврзаноста со организираниот криминал, условија битката за започнување преговори да почне од почеток следната година, но сега со повеќе услови, изјави Круемади на денешната прес- конференција по враќањето во Тирана од повеќедневниот престој во САД.

Таа не ја поштеди дури и иронијата во врска со однесувањето на албанската влада, која според неа „се обидува да го продаде неуспехот за големо достигнување".

- Ветингот за судиите го минаа само 25 припадници на системот и со оваа динамика оваа постапка ќе заврши за шеснаесет години, додека Уставниот и Врховниот суд во моментот се блокирани. Само пред неколку дена беа запленети милиони евра, пари од дрога и организиран криминал, кои илегално влегоа во Албанија. И сега не би се изненадила ако владата организира концерт за прослава на неуспехот за започнување на преговорите, рече Круемади.

Моника Круемади е сопруга на шефот на албанската држава, Илир Мета, а поради нејзината политичка ангажираност таа одби да биде прва дама на Албанија, па нејзиното место покрај Мета го пополнува нивната повозрасна ќерка, Бора Мета(20). Миника е позната и по фрлањето со чизми по премиерот Рама во собраниската сала.

Претходно, потпретседателот на партијата Петрит Васили, оцени дека „главен виновник што Албанија останала надвор од Европа е Рама и оти тој под итно треба да си оди“.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2018 22:20