Сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција, беше приведен ноќеска во големата рација по ноќните клубови во Градски парк.

Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција биле во присуство на вооружени полицајци кога влегле во дискотеките која на социјалните мрежи е опишана како скандалозна, брутална и како тежок удар врз ноќниот живот во Скопје.

Според неофицијални информации полицајци биле нападнати вчера и во текот на ноќта, па затоа при асистенцијата на УЈП и на Пазарната инспекција, носеле оружје како заштита. Иако неофицијално, оттаму негираат каква било употреба на сила врз граѓани при контролите од УЈП и од Пазарната инспекција.

„Дефинитивно не се боревме за упади на вооружени специјалци во дискотеки. Тоа што се случувало ноќеска низ Скопје е уште еден доказ дека Македонија е сè уште полициска држава. Ударот врз братот Оги е удар врз сите нас“, напиша на Фејсбук Замир Мехмети, еден од лидерите на Шарената револуција.

Узуновски, наводно, бил уапсен откако се спротивставил на барањето да се изгасне музиката во „Сектор 909“ и социјалните мрежи се полни со изрази на поддршка кон него.

Според очевидци, полицајци вооружени со автоматски пушки парадирале на подиумот и дури ги легитимирале диџеите, кои во тој момент пуштале музика.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2018 16:20