Шефот на преговарачкиот тим на Косово во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Авни Арифи, порача дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово не можат да се повредат од никого и во никој случај, јавува дописникот на МИА од Приштина.

- Ниту метар косовска земја за ниедна цена. Непријатно е замрзнувањето на конфликтот. Непријатни се несигурноста и постоечката ситуација. Но, ништо нема да предизвика губење на ниту метар од Косово. Суверенитетот и територијата на Косово се неповредливи од никого по никоја цена. Ниту сега ниту било кога, напиша Арифи на Фејсбук.

Реакцијата на Арифи уследи по изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека „макар и еден метар од Косово“ да се врати на Србија, ќе го смета за успешен резултат на преговорите со Приштина.

- Барем еден метар од сето она што го изгубија (поранешните српски власти) успееме да вратиме, тоа е добиток, бидејќи денеска немам ништо, благодарение на оние кои до 2012-та ставија потпис на независноста на Косово, им изјави вчера Вучиќ на новинарите во Белград.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2018 19:05