Бројот на британски државјани, кои аплицирале за државјанство на други земји-членки на ЕУ, нагло се зголемил од референдумот за Брегзит, покажуваат податоците на Би-Би-Си.
Во 2017 година, 12 994 Британци добиле државјанство од 17 земји членки на ЕУ, од кои јавниот британски сервис добил податоци. Во 2016 година таа бројка била 5025, а во 2015 година 1 800.
Земјата, чие државјанство Британците најчесто го добивале, е Германија, каде е забележан скок од 594 такви случаи во 2015 година на 7493 минатата година, објави Би-Би-Си.
Скокот е забележан и во многу земји на Унијата, а по германското, Британците најмногу земаат француско државјанство, кое минатата година го добиле 1 518 лица, а потоа е белгиското - 1381.
Бројот на Британци кои земале ирско државјанство се зголемил од 54 во 2015 година на 529 во 2017 година.
Добивањето на ново државјанство ќе им овозможи на Британците да патуваат, живеат и работат низ ЕУ по Брегзит, а нивните деца, исто така, ќе можат да добијат државјанство.
Во повеќето случаи тие го задржуваат британското државјанство, и сега имаат двојно.
Критериумите за добивање на државјанство во земјите на ЕУ ги исполнуваат мал број Британци, а бирократскиот процес може да биде бавен и тежок.
Британските граѓани кои ги исполнуваат критериумите за стекнување државјанство на некои земји-членки на ЕУ, ќе можат да поднесуваат барање и по Брегзит, но, тие можат да имаат проблем во земји како што се Германија, која овозможува двојно државјанство само за граѓаните на другите земји на Унијата.
Ако ова не се промени во меѓувреме, Британците кои земале германско државјанство, ќе мора да се откажат од британското ако сакаат да го зачуваат германското по Брегзит.