Во Солун в среда ќе се одржи четвртиот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Србија, Грција, Бугарија и Романија, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што информираат белградските медиуми, тема на разговорите на српскиот претседател Александар Вучиќ, грчкиот премиер Алексис Ципрас, премиерот на Бугарија Бојко Борисов и на романската премиерка Виорика Данчила ќе бидат инфраструктурните проекти, во насока на меѓусебното поврзување на четирите земји и на целиот регион.

На претходниот состанок на Високиот совет, кој се одржа во април годинава, договорено е формирање на работна група на министрите за сообраќај, транспорт и комуникации од четирите земји, со цел конкретизирање на договорените проекти за Самитот Кина+16, кој ќе се одржи на 7 јули во Бугарија.

На третиот состанок на четворката во Букурешт разговарано е за автопатот Темишвар-Белград, автопатот низ Србија кон Бугарија и кон Македонија, модернизирање на железничкото поврзување меѓу четирите држави, зајакнување на дигиталната структура, енергетското и гасното поврзување преку Александропулос во Грција и Бургас во Варна и други проекти.

На состаноците на Високиот совет на четирите земји договорено е и дека претседавањето на Бугарија во првата половина од 2018 година и на Романија во 2019 година ќе биде „заедничко, балканско“ претседавање со ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2018 23:26