Со слогани и паноа дека Македонија е грчка, со извици против владата и против Договорот за името од Преспа, со пораки до политичарите дека се предавници, Грци протестираат пред грчкиот Парламент на новиот собир за „одбрана на името Македонија".

„Скопјане, Скопјане никогаш нема да го земеш името", „Предавници" „Македонија е грчка“ се дел од извиците на протестот, јави дописничката на МИА од Атина.

Дел од демонстрантите не се особено љубезни кон новинарите, а на новинарска екипа од една грчка телевизија не и беше дозволено да се вклучи во живо од протестот.

Меѓу насобраните има и припадници на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствена надеж за земјата е Златна зора.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, протестот не е масовен, затворени се неколку улици во делот околу грчкиот Парламент, а има и силно полициско обезбедување.

Меѓу демонстрантите има луѓе од сите возрасти, но и свештени лица.

Протест беше најавен и во Солун.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 00:24