Косовскиот претседател Хашим Тачи се обидува да ги вклучи премиерот Рамуш Харадинај и парламентрниот спикер Кадри Весели во тимот кој ќе ја формира преговарачката екипа за дијалогот со Србија, но косовските партии продолжуваат да му ја негираат улогата на главен преговарач со Белград, објави денеска весникот „Зери“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи најави дека во текот на оваа недела ќе се сретне со институционалните и партиските лидери, со цел да формира преговарачки тим, стратешки тим и други комисии за финалната фаза на дијалогот со Србија.
Сепак, косовските партии, и тоа не само опозиционите, туку и Иницијативата за Косово („Нисма“), која е дел од владејачката коалиција, се против тоа Тачи да биде главен преговарач, затоа што сметаат дека тој не се покажал како обединувачки фактор за нацијата.
Граѓанскиот сектор во Косово, пак, смета дека постигнувањето консензус и изготвувањето платформа за дијалогот се неопходни, посебно во финалната фаза, во која се очекува да се дојде до конечен договор меѓу Приштина и Белград, пишува приштинскиот весник.