Формирање центар за туризам и македонско-грчки кластер, се само дел од активностите предвидени со проектот за прекугранична соработка со Грција што го реализираат фондацијата „Тиквешки вински пат“ и општината Росоман.

Во рамки на проектот вреден над 500 илјади евра, од кои над 200 илјади за Росоман, треба да се реализира и промотивна туристичка тура низ Македонија и Грција за новинари и тур-оператори, насловена „Земја на виното”.

Според извршната директорка на „Тиквешки вински пат” Виолета Јанкова, проектот опфаќа и реконструкција на старата училишна зграда во Росоман. - Таму ќе добиеме центар за туризам и изложба на храна и вино. Ќе формираме македонско-грчки кластер и ќе вршиме едукација за претставници на неговите членки. Ќе изработиме и промотивни материјали, рече Јанкова за МИА.

Почетниот состанок меѓу двете страни се реализираше викендов во Солун. Како што информира проект-менаџерот Ѓорѓи Крстевски од росоманската локална самоуправа, на средбата биле усогласени идните активности, но и разгледани можностите за нови соработки.

Од грчка страна, во проектот се вклучени Министерството за внатрешни работи, Италијанско-грчката комора, Универзитетот Аристотел со отсекот за туризам.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 12:11