Во првите три месеци од пилот програмата „Младинска гаранција“ во Скопје, Струмица и Гостивар се вработиле 419 лица, 196 почнале да посетуваат обука, а 160 почнале пракса во некоја компанија, информираат од Министерството за труд и сооцијална политика.

- Интересот за младинската гаранција е голем, досега вкупно 1.532 лица се вклучиле во програмите. Овие резултатие ги надминуваат очекувањата и повеќе од сигурно е дека по завршување на пилот фазата програмата ќе влезе во целосна имплементација, велат од МТСП.

Младинска гаранција е програма на Владата на Република Македонија со кој се зголемува опфатот и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот. Целта на оваа мерка, за која до крајот на годината се предвидени 8,8 милиони евра, е младите да останат во државата и да работат тука.

Гаранцијата за млади е отворена за сите млади лица на возраст до 29 години кои се невработени, веќе го завршиле своето образование и не се пријавени во АВРМ. Пријавените добиваат квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, стажирање или практикантство. Сите овие се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата.

Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која се спроведува во државите од Европската унија од 2012 година. Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на ЕУ, а започнува со воведување на „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе.

Со оваа програма Владата ги следи европските младински политики и ги отвора можностите за младите во Македонија, се наведува во соопштението од МТСП.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 12:13