Годишната дозволена квота во Црна Гора за вработување странци изнесува 18.000 лица. Директорот на Заводот за вработување на Црна Гора, Суљо Мустафиќ истакна дека се веќе остварени половина од дозволените вработувања на странски државјани - над 9.170 лица.

Најголем број, посебно во туристичката сезона, се застапени работници од Македонија, Србија и БиХ, пред се во угостителството и туризмот. Праксата покажува дека на пазарот на труд работадавачите не можат да најдат соодветна работна сила, па се принудени да вработуваат граѓани од регионот, кои ги „чинат“ поскапо од домашните работници.

На црногорскиот пазар на трудот постои парадоксална ситуација. Има над 40.000 невработени, а од друга страна работодавачите имаат проблем да најдат адекватен работник и да го вработат.

Што се однесува до туризмот, претседателот на Црногорското туристичко здружение Жарко Радуловиќ изјави дека ова ќе биде рекордна сезона, која ќе донесе заработувачка од над една милијарда евра. Гостите се од земјите од западна Европа, Полска, Чешка, Русија, Украина, но и се повеќе од регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 13:36