Фабриката „Југохром“ во Тетово нема да биде пуштена додека не се постават филтрите за отпрашување, потврдија денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Премиерот Заев на собраниската седница посветена на пратенички прашања рече дека фабриката ќе стартува со работа штом бидат поставени филтрите.

- Не е прашање на дилема дали ќе биде пуштена фабриката пред филтрите. Тоа го знаат и газдите и вработените. Загадувањето е најголемо за нив оти живеат во овој регион, истакна Заев.

Тој додаде дека работењето на Југохром е важно за македонската економија и оти учеството во БДП е 0,7 проценти.

Во однос на тоа дека имало закани и уцени врз здружението „Еко герила“, премиерот Заев со став дека не гледа основа за такво нешто но доколку има, ги повика случајот да го пријават во МВР.

- Не гледам основ зошто некој некого би го уценувал, но доколку има потреба од состанок, веднаш ќе ги примам. Доколку има закани веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи, порача премиерот Заев од собраниската говорница.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 13:47