Во текот на минатите две недели, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани златен накит, девизи, лекови, диететски суплементи, облека, козметика и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Златен накит

- 218,28 грама златен накит, откриени при контрола на патничко моторно возило со британски регистарски ознаки, управувано од британски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот златен накит бил спакуван во три кутивчиња ставени во мала шарена торба, сместена на задните седишта од возилото, помеѓу торбите со личен багаж. Истиот е привремено одземен, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Девизи

- 6.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со албански регистарски ознаки, управувано од грчки државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во ташна сместена во багажниот простор на возилото биле пронајдени 16.000 евра, од кои согласно законските прописи на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата. Против лицето ќе биде поведена прекршочна постапка за сторениот девизен прекршок.

Лекови и диететски суплементи

- 100 парчиња анестетици ЛИДОКАИНЕ со АДРЕНАЛИНЕ од 50 милилитри и 3 парчиња анестетици ЛИДОКАИНЕ од 50 милилитри, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Свети Наум. Непријавените анестетици се пронајдени зад возачкото седиште на возилото и истите се привремено одземени, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

- 60 парчиња диететски суплементи ХОНЕЅ СЛИМ од 1 литар, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените диететски суплементи се пронајдени во две картонски кутии и две торби, сместени во багажниот простор на возилото. Истите се привремено одземени, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Алкохолни пијалоци

- 14 шишиња вино и 78 шишиња и шишенца жесток алкохол (џин, вотка, ликер и мартини), откриени при контрола на патничко моторно возило со полски регистарски ознаки, управувано од полски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените алкохолни пијалоци се пронајдени во две картонски кутии сместени во багажниот простор зад торбите со лични работи, под патосницата во просторот за резервна гума и под предното седиште завиткани во новинска хартија. Истите се привремено одземени, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Облека

- 24.200 пара детски чорапи, откриени при детална контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, извршена од страна на мобилните царински тимови во царинската испостава Тетово. Непријавените детски чорапи се пронајдени помеѓу останатата пријавена збирна стока натоварена во Турција, а наменета за увозна фирма од Скопје. Истите се привремено одземени, а против фирмата од Скопје и нејзиното одговорно лице е поведена прекршочна постапка.

- 182 парчиња разна облека (фустани, блузи, фармерки, панталони, шорцеви и детски комплети) и 30 пара влечки, откриени при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената облека и влечки се пронајдени во две патнички торби и неколку ќесиња, сместени на подот кај задните седишта од возилото и истите се привремено одземени, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

- 32 парчиња женски маици, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените маици се пронајдени во предниот дел од возилото, сокриени под маската пред возачкото и совозачото седиште. Истите се привремено одземени, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Козметика

- 514 парчиња разни козметички производи, додатоци и алатки (пудри, сенки, маскари, четки, вештачки трепки, сјаеви за усни, коректори за лице, светки за лице, перли, тушеви за очи и гелови за лице), откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавената стока е пронајдена во багажниот простор, под задните седишта, пред совозачкото седиште и во просторот кај моторот на возилото. Истата е привремено одземена, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост

- 268 парчиња пластични капачиња и стикери со обележја на 13 различни познати марки на автомобили, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје - отсек за стоково царинење, при контрола на пратка од Тајван, наменета за физичко лице од Скопје. Сомнителните пластични капачиња и стикери се привремено одземени и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 14:34