Полуостровот Крим, што Русија го анектираше од Украина во 2014 година, е неотуѓив дел од Руската Федерација и прашањето за него не може да се најде на дневниот ред на средбата на претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, предвидена за 16 јули во Хелсинки, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Изјавата на Песков претставува реакција на најавата на Трамп дека на средбата со Путин има намера да го покрене и прашањето за Крим.
- Претседателот на Русија не еднаш им пренесе и им објасни на своите соговорници дека на дневниот ред не може и никогаш нема да се најде такво прашање. бидејќи Крим е неотуѓив дел од Русија, изјави Песков.
Тој нагласи дека сите останати теми на разговор на средбата Путин-Трамп може „да подлежат на разгледување, доколку е возможно да се најдат можни точки на блиски позиции“.
Според Песков, на средбата во Хелсинки ќе се разговара за серија „лесни прашања“, а „комплексно“ ќе се разгледа и темата за Сирија.