Поранешниот грчки министер за одбрана Акис Цохаѕопулос денеска излезе од затвор, откако пред шест години беше уапсен под обвинение за примање поткуп.
Цохаѕопулос беше пуштен на слобода откако петчлен Совет на Апелацискиот суд во Атина го прифати неговото барање за ослободување од затвор до изнесувањето на конечната одлука по жалбата на пресудата од страна на Врховниот касациски суд.
Поранешниот грчки министер за одбрана во 2013 година беше осуден на 20 години затвор под обвинение за примање поткуп при набавка на оружје за потребите на Вооружените сили на Грција.
Во 2017 година Апелацискиот суд ја намали казната на Цохаѕопулос на 19 години затвор. Во моментов се очекува одлуката на Врховниот суд по оваа пресуда.
Цахаѕопулос беше грчки министер за одбрана од 1996 до 2001 година. Во периодот од 1981 до 2004 година 78-годишниот Цохаѕопулос раководеше и се други министерски ресори во владите на Сегрчкото социјалистичко движење (ПАСОК), меѓу кои и функциите министер за внатрешни работи, за транспорт и врски и за развој.