Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер треба да се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп за да разговорара за американските царини за увоз на челик, алуминиум и европските автомобили од ЕУ, но ниту Брисел, ниту Вашингтон за сега не потврдуваат датум за средбата.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во меѓувреме, Европската комисија испрати писмо до американските власти во кои ги предупредува за „негативните ефекти“ на најавените заштитни мерки на американската Администрација врз европските автомобили.
Во писмото, кое е испратено како одговор на прашање од американското Министерство за трговија, се наведува дека внатрешните анализи на европските служби покажуваат оти дополнителната царини од 25 отсто на автомобилите и автомобилските делови би имале импакт од 12 до 13 милијарди долари врз бруто домашниот производ на САД.
Трамп овие мерки ги најави како одговор на европските мерки врз низа американски производи меѓу кои моторите на „Харли Дејвидсон“ и фармерките на „Левис“, кои се одговор на мерките врз челикот и алуминиумот.
Според документот на Европската комисија, 26 отсто од американското производство на автомобили доаѓа од европски фирми, меѓу нив е и „Крајслер“, американски автогигант кој премина во европски раце.
Писмото го потсетува Вашингтон и дека европските компании кои произведуваат во САД увезуваат делови од Европа, но и дека автомобилите во голем дел ги извезуваат во Европа и на други места.
- Околу 60 отсто од автомобилите произведени во САД од компании во сопстевност на фирми од ЕУ се извезуваат во трети земји, вклучително и Унијата. Штетни мерки кон овие компании ќе ја ослабат економијата на САД, стои во европското писмо до Вашингтон.
Брисел потсетува дека евентуални мерки против автомобилите ќе предизвикаат дополнителни контра-мерки, што би имало уште понегативен ефект врз БДП на САД.
Трговската „војна“ меѓу САД и ЕУ започна пред нешто повеќе од еден месец кога Вашингтон одлучи да воведе царини на челикот и алуминиумот од европските земји, предизвикувајќи контрамерки од страна на Унијата и кои ги доведуваат во деликатна состојба и останатите трети земји кои тргуваат со ЕУ, вклучително и Македонија.
Нејасно е кога Јункер планира да отпатува во САД за оваа средба, но се очекува тоа да биде до крајот на овој месец. Трамп ќе биде во Брисел идната недела за Самитот на НАТО, но нема најава за средба.