Косово денеска ја одбележува 28-та годишнина од својата прва република, прогласена на 2 јули 1990 година со Уставната декларација, која ја потпишаа 114 пратеници во тогашното Собрание на Социјалистичка Автономна Покраина Косово, мнозинството Албанци, но и претставници на бошњачкото и турското малцинство, јави дописникот на МИА од Приштина.
На овој настан, во објава на Фејсбук, денеска потсети претседателот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, според кој, делегатите кои се собраа надвор од собраниската сала, бидејќи полицијата не им дозволи да влезат, со усвојувањето на Декларацијата „првпат и дадоаформа и содржина на Република Косово, како на република за отпор“.
- Во декларацијата се споменуваат најзначајните концепти, „политичкото самоопределување“ и „автентичната демократија“, како основи на модерната, републиканска и демократска државотворност, иако под окупација (од страна на Србија). Парадоксално, во слобода и со прогласена независност, во Втората Република, која веќе наполни една деценија, се појави и арбитрарноста и негирањето на демократијата и самоопределувањето. Ова не обврзува да го туркаме напред нашиот проект за Трета Република, каде што слободата најпосле ќе се обедини со демократијата, самоопределувањето, развојот на правдата, напиша Курти.
Лидерот на опозициската партија изрази надеж дека премиерот и претседателот на Парламентот нема да огрганизираат денеска некаква церемонија за одбележување на годишнината од прогласувањето на првата република.
- По пропаднатата церемонија за 140-годишнината од Призренската лига можат само да предизвикаат возбуда, а потоа и разочарување кај граѓаните, напиша Курти.