Поранешниот полициски генерал и претседател на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов најави дека ќе го напушти МВР поради политички ангажман во иднина. Тој преку статус објавен на Фејсбук му се заблагодари на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата година.

Фејсбук статусот на Стојанче Ангелов ви го пренесуваме во целост:

„ДОСТОИНСТВО ПРЕД СЕ’!

Како претседател во оставка на политичката партија ДОСТОИНСТВО, во овој исклучително значаен, чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани, држава за која се борев, држава за која крварев, држава за која сеуште се борам, овојпат со политички средства и методи, чувствувам обврска за мое политичко реактивирање. Бидејки Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на ДОСТОИНСТВО одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година.

КОНГРЕС Воедно најавувам дека на есен ДОСТОИНСТВО ќе одржи конгрес за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата. Во следните неколку месеци ДОСТОИНСТВО ќе изврши и ажурирање на своето членство. Сите издадени членски книшки престануваат да важат. Секој досегашен член кој е согласен со програмата и политиките на ДОСТОИНСТВО може да го продолжи своето членство со пополнување на нова пристапница после што ќе добие нова членска книшка на политичката партија ДОСТОИНСТВО. Лица кои сакаат да се зачленат во ДОСТОИНСТВО можат да стапат во контакт со раководствата на локалните ограноци на ДОСТОИНСТВО.

БРАНИТЕЛИ 2001 Една од основните заложби на ДОСТОИНСТВО е грижата за македонските Бранители кои учествуваа во одбрана на државата во 2001 година како и грижата за членовите на нивните семејства. Како помал коалиционен партнер на сега владеачкиот СДСМ, благодарение на разбирањето на кое наидуваме кај повеќето претставници на централната и локалната власт, ДОСТОИНСТВО досега успешно им помогна на повеќе македонски бранители. Затоа, во оваа прилика, ги повикувам сите македонски бранители од 2001-та кои имаат проблеми од било која област во надлежност на било кој државен орган, да остварат контакт со претставници на локалните или централното раководство на ДОСТОИНСТВО. Ние од ДОСТОИНСТВО ќе дадеме се од себе да им помогнеме на сите македонски бранители, без разлика на нивната верска, етничка или партиска припадност.

ДОСТОИНСТВО ПРЕД СЕ'!“ - напиша Ангелов.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2018 04:09