Државниот секретар на САД Мајк Помпео в четврток ќе отпатува во Северна Кореја на преговори за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, изјави синоќа на прес-конференција портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Тоа ќе биде трета посета на Помпео на Северна Кореја.

- Со цел продолжување на важната работа - денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, државниот секретар Помпео ќе отпатува во Северна Кореја на 5 јули, за да се сретне со севернокорејскиот лидер и неговиот тим, посочи Сандерс.

Контактите меѓу САД и Северна Кореја продолжуваат на различни нивоа, а Вашингтон верува дека е постигнат напредок во овие разговори, рече портпаролката на Белата куќа.

Стејт департментот соопшти дека Помпео ќе биде во Северна Кореја од 5 јули до 7 јули, „за да ги продолжи консултациите и да го спроведе напредокот на претседателот Трамп и Ким од Сингапур“ на 12 јуни.

По Северна Кореја, Помпео ќе го посети Токио на 7 и 8 јули, каде што со лидерите на Јапонија и Јужна Кореја ќе разговара за „нашата општа посветеност на конечното и целосно потврдено нуклеарно разоружување на Северна Кореја и други регионални и билатерални прашања", се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Државниот секретар на САД потоа ќе отпатува за Ханој и Абу Даби, пред да допатува на Самитот на НАТО во Брисел.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2018 11:04