Иранскиот претседател Хасан Рохани предупреди дека извозот на нафта од целиот регион може да биде загрозен доколку САД продолжат да ги притискаат купувачите на иранска нафта да ги раскинат договорите.
- Американците велат дека сакаат целосно да го запрат извозот на иранска нафта. Тие не разбираат дека е апсолутно бесмислено да се оневозможи извозот на иранска нафта, а во исто време друга нафта да продолжи да се извезува од регионот, изјави Рохани при посетата на Швајцарија.
Иранската армија во минатото се закануваше дека може целосно да го спречи извозот на нафта од Персискиот Залив, што би се одразило на извозот од Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт и други држави.
Изјавата на иранскиот претседател доаѓа по коментарот на Брајан Хук од американскиот Стејт Департмент, кој рече дека цел на САД е иранските приходи од нафтата да бидат сведени на нула.
Иран е шести најголем извозник на нафта во светот, а САД се во контакт со Саудиска Арабија и други поголеми извозници на нафта за да ја надополнат дупката во светското снабдување со енергенси што би се создала со евентуално целосно ембарго на Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма, по што почна одново да ги воведуваат санкциите кон Иран што беа укинати од страна на претходниот претседател Барак Обама.