Администрацијата во Вашингтон подготвила нацрт-закон за отфрлање на клучните принципи на Светската трговска организација (СТО), со што американскиот претседател Доналд Трамп би имал целосна контрола врз трговската политика на САД, објави порталот „Аксиос“.

Американското гласило дошло до официјални документи кои потврдуваат дека Трамп порачал составување на таков нацрт-закон во мај.

Според „Аксиос“, законот во основа му дава бланко потпис на Трамп да ги зголемува увозните тарифи на САД без одборување од Конгресот, погазувајќи ги меѓународните трговски принципи.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, во извештајот се цитирани извори кои учествувале во пишувањето на нацрт законот и кои укажуваат дека тој е „нереалистичен и неостварлив“. Со исклучок на Питер Наваро, советник на Трамп за трговија и индустрија, кој се залага за строга трговска политика.

Се претпоставува дека сличен закон би бил лесно отфрлен од Конгресот, дури и од оние републиканци кои го подржуваат Трамп, а чија партиска идеологија е заснована на слободна трговија и кои го критикуваа воведувањето на царини за некои клучни трговски партнери на САД.

Во Конгресот веќе се формира опозиција од неколку демократи и републикацни, кои се подготвуваат да ги отфрлат нововоедените тарифи за челик и алуминиум.

Извештајот е објавен само неколку дена откако „Аксиос“ дозна дека Трамп во приватен разговор кажал дека сака САД да истапат од СТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2018 11:48