Взаемно почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и на Украина, како и економската соработка и евроинтеграциите беа во фокусот на разговорите во Белград меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот украински колега Петро Порошенко.

- Србија нема отворени билатерални прашања со Украина, изјави на заедничката прес-конференција по средбата, додавајќи дека Србија го поддржава територијалниот интегритет и суверенитете на Украина во врска со Крим и ја поздравува Украина за подршката со непризнавањето на Косово.

Во тој поглед Вучиќ истакна дека Србија сака проблемите во Украина да се решаваат на мирен начин, со подршка на ОБСЕ и спроведување на Минскиот договор.

Во сличен контекст, како што јави дописникот на МИА од Белград, беше и изјавата на украинскиот претседател Порошенко, кој истакна дека Украина го подржува територијалниот интегритет и суверенитет на Србија во поглед на непризнавањето на Косово и решавање на проблемот преку компромис со уважување на српските интереси.

Тој додаде дека Украина смета на поддршката на Србија во врска со Крим и на мировната мисија под покровителство на ОН и на спроведувањето на Минскиот договор.

Двајцата претседатели изјавија дека разговарале и за економската соработка, со надеж дека трговинската размена ќе достигне една милијарда евра, при што Вучиќ истакна дека смета на „пријателскиот став на Украина“ за зачленувањето на Србија во Светската трговска организација (СТО).

На средбата беа потпишани неколку билатерални договори, меѓу кои и договор за укинување на визите за украинските државјани при патување во Србија.

Попладнево во Белград ќе се одржи и Бизнис форум, на кој покрај двајцата претседатели ќе учествуваат и преставници на стопанските комори на двете земји и бизнисмени.

Порошенко ќе се сретне и со српската премиерка Ана Брнабиќ и со претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2018 13:26