Јавното сообраќајно претпријатија „Скопје“ ќе добие нови 40 еколошки автобуси на гас. Постапката за набавката е почната вчера. Тендерот се очекува да биде распишан на есен, а договорите за новите автобуси да бидат потпишани до крајот на годината.
- Од вчера официјално ја почнавме постапката за набавка на 40 нови еколошки автобуси на гас кои ќе го променат јавниот транспорт во градот и нема да ја загадуваат околината. Управниот одбор со поддршка на ЈСП и Град Скопје ја почна постапката за добивање кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 10 милиони денари со еден отсто камата, три години грејс период и седум години отплата, а за кое задолжување ја добиваме и државната гаранција, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов
Тој додаде дека очекуваат наесен со консултанти од ЕБРД да го распишат тендерот за набавка на автобусите, а договорот за новите автобуси ќе биде потпишан до крајот на оваа година.
- Наша цел е две третини да бидат зглобни нископодни автобуси. Скопје заслужува најмодерни технолошки решенија. Новите автобуси ќе трошат двојно помалку, а најголемата предност е што емитуваат значително помалку ПМ 10 честички во амбиенталниот воздух. Дури 90 проценти емисијата на штетни гасови е помала од дизел автобусите, додаде Шилегов.