Американскиот претседател Доналд Трамп денеска оцени дека разговорите со Пјонгјанг се движат во добра насока.
- Многу добри разговори со Северна Кореја - добро оди, напиша Трамп на Твитер.
Неговата изјава е неколку денови пред посетата на државниот секретар Мајк Помпео на Северна Кореја. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс синоќа најави дека Помпео в четврток ќе отпатува во Северна Кореја на преговори за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Тоа ќе биде трета посета на Помпео на Северна Кореја.
Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на 12 јуни во Сингапур потпишаа документ со кој се обврзуваат да работат „кон целосна денуклеариазација на Корејскиот Полуостров“.
Во документот се посочува дека двајцата лидери ќе ги здружат напорите „за изградба на траен и стабилен мировен режим“ на Корејскиот Полуостров.