Во анализа изработена од страна на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат се наведува дека Русија и рускиот претседател Владимир Путин лично работеле да влијаат на претседателските избори во 2016 година.
Анализата е објавена десетина дена пред закажаната средба меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и Путин во Хелсинки. Според анализата, која е заснована на извештаите на американските разузнавачки агенции, биле забележани руски активности кои довеле до „ескалирање на низата руски обиди за мешање во внатрешните политички прашања на САД“.
- Руските напори беа широко распространети и софистицирани, а нивната цел беше да се поткопа довербата во демократскиот процес, да и се наштети на кандидатката Клинтон, и да му се помогне на Доналд Трамп во изборите, изјави демократскиот сенатор Марк Ворнер, потпретседател на Комитетот за разузнавање, според кого, руските активности подразбирале кибернетски операции и вршење пропаганда.