Џејн Хол Лут од Обединети нации ќе ги повика сите страни вклучени во напорите за обединување на етнички поделената држава Кипар, со цел да утврди дали се остварени услови за продолжување на мировните преговори, најави заменик портпаролот на ОН, Фархан Хак.

Тој додаде дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја замолил Лут да изврши консултации, но се уште не е познато кога таа ќе стапи во контакт со засегнатите страни.

Пред една година во Швајцарија имаше средба помеѓу лидерите на кипарските Грци и Турци, на која присуствуваа и дипломати од Велика Британија, Грција и Турција, но процесот пропадна по неколку дена интензивни преговори.

Кипар е поделен од 1974 година кога турската армија интервенираше на островот, како одговор на воениот преврат предводен од кипарските Грци, чија цел беше приклучување на земјата кон Грција. По воената интервенција на Турција, турските сили презедоа контрола врз северниот дел на островот, каде подоцна беше прогласена Турската Република Северен Кипар, која е призната само од страна на Анкара.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 09:34