Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека иднината на Европската унија зависи од тоа дали таа ќе успее да најде одговори на мигрантското прашање.

Колку и да е ова тешко прашање, миграцијата е всушност само еден од елементите на исклучително сложениот предизвик со кои се соочува ЕУ, поделена од многу проблеми што се појавија за последната деценија и навидум се продлабочуваат.

Иднината на европскиот проект не зависи само од тоа дали ЕУ ќе може ефикасно да се справи со бегалците во Седоземното Море, туку и дали ќе може да најде начин за приближување на различните концепции за тоа што би требало да претставува Европа.

Европа е поделена географски и политички најмногу од кризите поврзани со еврото и бегалците, кои се заострија одново во последните два месеци. За секои од овие прашања државите членки на ЕУ формираа различни коалиции. Така на пример, додека Грција и Италија се против Германија во врска со кризата на Европа, тие три држави се на иста позиција за спорот околу миграцијата.

Во основа се појавија три спротиставени визии.

Првата е идејата на Меркел за „конкурентна“ Европа. Под нејзино водство од почетокот на кризата со еврото во 2010 година, ЕУ ги зајакна инструментите за пазарна дисциплина на земјите членки.

Во името на таа идеја за конкурентна Европа, по инсистирање на Германија, беа воведени политики на штедење во државите должнички од Еврозоната. Со други зборови, иако е проследена со проевропска реторика и вклучува дополнителна интеграција, во основа таа претставува една неолиберална визија.

Втората визија е идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа која штити“. Макрон предлага една Европска унија во која ќе има поголема солидарност меѓу граѓаните и меѓу земјите членки. Во основа тоа ќе значи поголема прераспределба и споделување на ризиците во Еврозоната, односно создавање на „трансферна унија“ од што се плашат Германија и другите земји кредитори.

Тоа е во основа левоцентристичка визија за Европа, иако поради структурните рефори во Франција со кои Макрон се обидува да ја здобие довербата на Берлин, тој се обидува себе си да се претстави како неолиберал.

Третата визија е идејата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „христијанска“ Европа на суверени држави. Неговата визија започна како одговор на обидот поттикнат од Германија за принудување на државите членки на ЕУ да прифатат задолжителни квоти на мигранти, но потоа прерасна во една поширока критика на европскиот проект.

Орбан себе си се определува како „нелиберален демократ“, како противник на идејата што тој ја смета за недемократски либерализам во ЕУ. Неговата визија ја споделуваат не само владејачката партија во Полска - Право и правда, туку и некои други десничарски партии во земјите членки на ЕУ.

И центристите и популистите гледаат дека се води фундаментална борба меѓу либерализмот и нелиберализмот. Суштината меѓутоа е многу посложена, што го потврдува и фактот дека и покрај јавните разлики по прашањето за миграцијата „либералните“ демохристијани на Меркел и „нелибералната“ партија Фидес на Орбан и натаму се дел од една иста група во европскиот Парламент - десноцентристичката Европска народна партија.

И покрај тоа разликите меѓу трите визии се реални. Кога во текот на мај во Ахен Макрон ја доби наградата „Карло Велики“ тој го засили притисокот врз Меркел, која не реагираше на неговиот повик за реформа во еврозоната.

- Во Германија не може да постои вечен фетиш кон буџетскиот и трговскиот суфицит, затоа што тие се реализираат на сметка на другите, изјави Макрон.

Откако ги сослуша овие негови зборови Меркел изјави дека ќе најдат заеднички јазик и покрај постоечките разлики. - Тоа е магијата на Европа, изјави таа.

Орбан меѓутоа идејата за поинтегрирана Европа веднаш ја оцени како „кошмар“.

Меркел пред две недели конечно му одговори на Макрон и се согласи на мал „фискален капацитет“ на Еврозоната, како дел од долгоочекуваниот обид за рестартирање на француско-германските односи како мотор на ЕУ.

Нејзината декларација од Мезеберг меѓутоа повеќе беше оценета како разочарување, бидејќи отстапките што ги направи Меркел нема да имаат голем придонес врз одржливоста на единствената валута. Дури и тие отстапки да не бидат прифатени од другите држави од Северна Европа, што не претставува изненадување, сепак значајно е и тоа што визијата на Макрон има многу противници и во самата Германија.

Постои опасност противречноста меѓу трите визии да ја направи ЕУ подисфункционална и да ги зајакне критиките кон неа. Новата италијанска коалициска Влада на антисистемското Движење Пет ѕвезди и десничарската партија Лига, минатата недела изрази големо разочарување од недостигот на напредок во врска со миграциските прашања, па одби да се потпише на завршниот документ на Европскиот совет. - Не сме се разбрале за ништо, додека не се разбереме за се, изјави италијански претставник.

Италија, која сега слично како Грција пред неколку години се смета за центар на кризата на еврото, сега поради бегалската криза може да стане клучниот играч околу трите визии. Различни делови од италијанското општество пројавуваат симпатии кон секоја од трите визии.

Поголемиот број претставници на италијанскиот десноцентристички спектар, кои од секогаш ја поддржуваа европската интеграција и воведувањето на финансиска дисциплина, ја поддржуваат визијата на Меркел за конкурентна Европа. Италијанските партии од левиот центар ја поддржуваат визијата на Макрон за „Европа која штити“, додека во исто време Лигата во голема мерка ја поддржува антимигрантската визија на Орбан.

Секоја од визиите претставува одговор на зајакнувањето на еврокептицизмот во различните делови на континентот и е обид за повторно поврзување на ЕУ со граѓаните. Тоа што е неопходно да се спроведе за да се намали еврокептицизмот во Јужна Европа, ќе го засили во Северна Европа и обратно. На истиот начин тоа што ќе го намали еврокептицизмот во Источна Европа, ќе го засили во Западна Европа и обратно.

Прашањето е дали има излез од ваквата пат ситуација.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 15:01