Земјите од Западен Балкан мора да воспостават уште посилни меѓусебни економски односи и да го подигнат нивото на соработка, односно заеднички да работат на промоција на регионот како поволна бизнис дестинација и на тој начин да ја подигнат атрактивноста за привлекување на нови инвестиции.

Тоа го порача денеска македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев на работниот состанок на министри за економија, кој како посебна сесија се одржува во Виена, во рамките на Самитот за Западен Балкан, соопшти владината прес-служба.

Треба, нагласил Анѓушев, да ја подигнеме меѓусебната економска соработка во регионот, пред да соработуваме со земјите од ЕУ.

- Владата е посветена на унапредување на соработката со сите земји во регионот и сметаме дека преку овој пристап граѓаните во нашите земји и регионот генерално ќе има бенефит, рекол Анѓушев.

Тој укажал дека Владата, работи на проекти со кои ќе подобри инфраструктурното и енергетското поврзување на земјите во регионот, и за олеснување на административни процедури за економска соработка помеѓу земјите.

- Работите на Коридорот 10 се во голема мера завршени, додека во периодот кој следи, засилено ќе се работи на подобрување на патната и железничката инфраструктура на коридорот 8, за што Македонија ќе добие и финансиска поддршка од страна на Европската унија, навел вицепремиерот.

Во однос на енергетските проекти, укажал на иницијативата за формирање заедничка берза за струја со Бугарија, изградбата на 400 киловолтен далекувод со Албанија и гасовод со Република Грција, кои треба да донесат сигурност и конкурентност во снабдувањето со енергенси.

Министерот за информатичко општество и амдинистрација Дамјан Манчевски, пак, се осврнал на заклучоците од Дигаталниот самит во Скопје, информирајќи дека Владата и Министерството за информатичко општество ја финализираат стратегијата за отворени податоци, подготвена е работна верзија на стратегијата за широкопојасен интернет и оти првпат имаме таков документ за сајбер безбедност.

- Тоа што произлегува од заклучоците од Дигиталниот Самит е и иницијативата за намалување на цените за роаминг. Активна е спогодбата помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина за пониски цени за роаминг, а очекувам и Албанија и Косово наскоро да се приклучат на оваа спогодба. Од комуникацијата со Европската Комисија, можам да кажам дека постои интерес и посветеност за намалување на цените за роаминг за нашите граѓани кога патуваат во земјите од Европската Унија, рекол министерот Манчевски.

Како што информираат од владината прес-служба, еврокомесарот Јоханес Хан, изнел позитивни зборови за напредокот кој Република Македонија го направи изминатиот период и ја реафирмирал одлуката на Европската Комисија дека во 2019 година Република Македонија и Република Албанија, ќе започнат преговори за членство во ЕУ.

Самитот за Западен Балкан, се организира во рамки на таканаречениот „Берлински процес“, инициран од Сојузна Република Германија, а поддржан од Обединетото Кралство, Француската Република, Република Австрија и Италијанската Република.

По денешната сесија на економските министри, следните две се најавени за 9 јули со состанок на министрите за надворешни и за внатершни работи и 10 јули кога треба да има средба на премиери на влади во Лондон.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 15:34