Антивладини демонстранти утрово повторно се собраа пред зградата на полскиот Врховен суд во Варшава, за да изразат поддршка за владеењето на правото и за претседателката на Судот Малгожата Герсдорф.

Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера соопшти дека согласно законот, усвоен од владејачката партија „Право и правда“, од денеска претседателката на Судот оди во пензија.

Герсдорф денеска сепак дојде на работа. Пред да влезе во зградата на Врховниот суд, таа им се заблагодари на собраните луѓе кои извикуваа „Судиите не можат да бидат отпуштени„ и „Устав“. Герсдорф потсети дека, според Уставот, нејзиниот мандат е шест години и трае до 2010 година.

"Моето присуство тука не значи дека сум посветена на политиката. Го правам сето ова за да го одбранам владеењето на правото. Јас го правам сето ова за да покажам каде е границата меѓу Уставот и кршењето на Уставот, рече Герсдорф.

Во Варшава и повеќе други полски градови и вчера се одржаа протести против одлуката да бидат пензионирани речиси половина од судиите во Врховниот суд.

Претседателот Анджеј Дуда неделава најави дека ќе го испочитува законот, со кој претседателот на Врховниот суд и низа судии ќе бидат пензионирани. Опозицијата обвинува дека со тоа власта ќе именува судии блиски на неа.

Европската унија покрена процедура против Полска, поради кршење на владеењето на правото. Доколку процедурата биде спроведена до крај, Полска може да го загуби своето право на глас во ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 16:32