Делегација од шест американски сенатори и една конгресменка се наоѓат во неколку дневна официјална посета на Москва, кратко пред најавената средба помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, американските законодавци вчера се сретнаа со Сергеј Лавров, министер за надворешни работи и со членови на руската Дума и Советот на федерацијата (Горниот дом на рускиот Парламент).

Според републиканскиот сенатор Ричард Шелби, кој ја предводи делегацијата, целта на посетата е градење на доверба помеѓу двете страни.

- Како во спортот или во бизнисот, Русија и САД може да бидат соперници но не и непријатели, изјави Шелби за руската новинска агенција ТААС.

Лавров потврди дека посетата ќе биде „чекор напред кон заздравување на односите“.

Според руски извори, се разговарало за Сирија, за Украина и за руската вмешаност во американските избори во 2016.

Американската делегација останува и денес на прием во Американската амбасада во Москва по повод 4 јули, Денот на независноста на САД. Според некои руски медиуми, делегацијата била поканета да го посети и Крим, но таква посета нејверојатно нема да се случи.

Републиканските сенатори се во Москва во време кога сенатски кометет за разузнавање објави извештај кој ги потврдува наодите на американските разузнавачки служби од лани дека Кремљ, и Путин лично, работеле да влијаат на претседателските избори во САД во 2016 година, на штета на кандидатот од демократите, Хилари Клинтон, а во полза на Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 16:51