Собранието на доверители на ФЕНИ Индустри гласаше за планот за реорганизација на ГСОЛ/ ЕуроНикел и од денеска започнува реорганизација на ФЕНИ Индустри.
- Денеска е навистина голем ден за ФЕНИ затоа што дојде до кулминација на процесот што траеше многу месеци. Од првиот ден откако дојдовме во Македонија, кажавме само една работа, дека наша цел е ФЕНИ да стане најуспешен производител на фероникел во Европа. Денеска е ден за славење, денеска го добивме процесот, денеска е голема победа, за вработените, за иднината на фирмата, за сите. Сакам да им се заблагодарам на вработените на ФЕНИ затоа што го поддржуваа ФЕНИ секој ден низ процесот и затоа што работат со нас како инвеститор, како и на целата земјата што нè поддржуваа во намерата да ја спасиме оваа компанија и да создадеме светла иднина за ФЕНИ и за сите нас, изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.
Како што наведуваат од компанијата, реорганизацијата става крај на неизвесното и лошо управување во минатото и го отвора патот за големи инвестиции, од кои 15 до 20 милиони евра само за реконструкција на втората печка, што ќе придонесе за зголемување на производните капацитети и норми на 19.000 до 21.000 тони никел годишно, како и дополнителни инвестиции во развојот на техничко-технолошки капацитети со цел зголемување на производството.
Според нив сето ова ќе доведе до нови вработувања, кои веќе започнаа, зголемување на платите на вработените и дополнителни стимулации.
ГСОЛ, додаваат, како глобална компанија има сопствени рударски капацитети и извори за висококвалитетна руда и репроматеријали, што ќе обезбеди дополнителен придонес за зголемување на оперативноста на ФЕНИ Индустри.
ГСОЛ/ ЕуроНикел досега инвестираше повеќе од 80 милиони евра во ФЕНИ и многу пати ги потврди своите намери за иднината на фабриката. Инвестицијата од ГСОЛ започна со договорот за производство на никел, со кој се рестартираше производството. Оттогаш досега се произведени повеќе од 2.500 тони никел, продолжува извозот, а се ангажирани 200 локални компании кои превезуваат од пристаништето Солун и Албанија. Увезени се над 200.000 тони руди од меѓународни рудници на ГСОЛ.
Од компанијата наведуваат дека ова обезбеди доволно ресурси и технички потенцијал за континуирано производство. Во меѓувреме, платите на вработените, кои вклучуваат бонуси, од просечни 23.000 денари, се зголемени на 27.000 денари и со понатамошен растечки тренд што следи по зголемувањето на производството.