Обединетите нации проценуваат дека во текот на годинава најмалку 11.000 Рохинџи биле протерани од Мјанмар во Бангладеш.
Според високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад ал Хусеин, мјанмарската армија продолжува со убиства на припадници на муслиманското малцинство и ги уништува нивните домови.
Се проценува дека во бегалските кампови во Бангладеш има над 700.000 Рохинџи, повеќето од нив протерани во втората половина на минатата година, кога по напад на герилска група врз мјанмарската армија отпочна кампања за протерување на Рохинџите.
- Ниту еден бегалец не се вратил од Бангладеш во Мјанмар по стапувањето во сила на договорот, изјави Ал Хусеин.
Мјанмар и Бангладеш постигнаа договор со кој бегалците Рохинџи требаше да се вратат во своите домови доколку докажат дека навистина потекнуваат од Мјанмар.