Германскиот филозоф и социолог Јирген Хабермас упати остра критика кон политиката на Германија во однос на Европа.

- Не можам да сфатам зошто германската Влада верува дека може да ги убеди своите партнери за заедничко дејствување по прашањата за бегалците, надворешната политика и надворешна трговија, кои се важни за нас, а во исто време зазема блокирачка позиција за централното и витално прашање за политичкото проширување на еврозоната, изјави 89-годишниот интелектуалец, кој синоќа во Берлин доби медумска награда.

На Хабермас му беше врачена Француско-германска медиумска награда за неговиот придонес кон демократијата во Европа.

Тој го пофали предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за трансформирање на монетарната унија во политичка. Според него, Макрон покажал храброст што е потребна во политиката и недостасува во другите земји-членки.

Распространетиот десничарски популизам покажува недостиг на волја за акција во ЕУ, смета Хабермас.

- Наместо тоа, политичката елита посегнува кон привлекувачката сила на малодушниот опортунизам за да ја задржи власта на краткорочен план, предводен од социолошките истражувања, рече тој.

Во писмо по повод врачувањето на наградата, Макрон го нарече Хабермас неуморен просветител, чиј глас е поважен и вреден од кога и да е, во време кога Европа е во опасност да се распадне.

Меѓу поранешните добитници на оваа награда се француската правничка и политичарка која го преживеaла Холокаустот, Симон Веј и поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 11:10