Десетици рудари на најголемиот косовски рударски комбинат, „Трепча“, протестираа денеска пред Собранието на Косово, со барање за исполнување на неколку нивни барања упатени до Парламентот и Владата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Рударите бараат признавање на пензиите во висина од 70 отсто од платата, возраста за пензинирањето да биде од 50 до 55 години, да се донесе закон за трудовите инвалиди, бенифициран стаж, здравствено осигурување на работа, признавање на стажот во периодот 1989-99 година и семејни пензии.
Претседателот на Сојузот на независните синдикати на Косово, Авни Ајдини рече дека денешниот протест го потсетува на минатото и додаде дека ниту овој пат нема да се откажат од нивните барања.
Рударите на „Трепча“ се паметат по протестите уште во времето на оиранешна Југославија за подобрување на нивните условите за работа, но најмногу по штрајкот со глад од февруари 1989 година во одбрана на статусот на Косово од режимот на тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ, кој недолго потоа ја укина автониомијата на покраината.