Формиран е Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и изработена е нацрт-стратегија за соработка со граѓанскиот сектор 2018-2020 година, со акциски план, а наскоро се очекува нејзино усвојување, беше наведено на денешната тркалезна маса „Панатамошно институционализирање на структурните механизми за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор“.

- Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор има за цел да биде една платформа на дијалог меѓу претставниците на граѓанските организации и на институциите во насока на подобрување на дијалогот и учеството на граѓанските организации во процесот на креирање на политики, објасни Фани Каранфилова Пановска, претседателката на Советот.

Таа посочи дека, откако е формиран Советот, во мај годинава, главна тема што била предмет на расправа меѓу членовите, е предлог-стратегијата на Владата за соработка на Владата со граѓанските организации и нивен развој, придружен со акцискиот план, потенцирајќи дека Советот, за предлог-текстот дал сериозни забелешки, дополнувања и коментари.

- Стратегијата, односно акцискиот план, идентификува три носечки главни столбови во кои граѓанските организации очекуваат промени во политиките и законите, кои ќе обезбедат подобра околина за функционирање на граѓанските организации, подобар и фер даночен третман за нив, препознавање на граѓанските организации кои даваат одредени сервиси поврзани со социјалните услуги и слично, информираше Каранфилова Пановска.

Таа објасни дека најважно е да се направи промена во начинот за утврдување на јавното финансирање за граѓанските организации со извори кои произлегуваат од државните институции за што е потребна сериозна анализа, со цел да се види кој е тој модел што ќе обезбеди институционален развој на организациите и ќе обезбеди кофинансирање на организациите за европските проекти.

- Бараме промени во законите што се однесуваат на даночните политики. Бараме измени на законот за здруженија и организации, со цел да дефинираме некои работи, кои таму се изоставени. Во вториот столб, во делот на учеството во процесот на креирање на политиките, она што е клучно, е дека мора да се развијат структурирани механизми, систематизирани на дијалог меѓу граѓанското општество и институциите, истакна претседателката на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

Каранфилова Пановска информираше дека во третиот голем сегмент, од стратегијата, што се однесува на социо-економското делување на граѓанските организации и соработка, треба да се работи на дефинирање на новите модалитети за тоа како граѓанските организации, кои се сервисно ориентирани, ќе можат да бидат „продолжена рака“ на одредени владини надлежности.

- Министерствата и другите органи на државната управа имаат обврска, активностите предвидени во акцискиот план на стратегијата да ги планираат во нивните стратешки планови и годишниот план за работа и да се грижат за обезбедување на финансиски средства кои се потребни за нивно спроведување, изјави Тахир Хани, заменик-генералниот секретар на Владата.

Тој наведе дека Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор има активна улога во следењето на спроведувањето на стратегијата и акцискиот план, преку давање на мислење на годишно ниво за реализација на стратегијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 14:35