Најбитна е едукацијата на потрошувачите за законските прописи и да ги препознаваат своите права, вели Мирјана Лончар Велкова, претседател на организацијата на потрошувачи на Македонија.
ОПМ, заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство денеска во Прилеп организираше дебата со бзнисмените и невладините организации за безбедноста на храната, на производите и за македонските законски прописи кои се компатибилни со ЕУ-стандардите, а ја промовираше и владината програма за заштита на потрошувачите.
Според Лончар Велкова потрошувачите најчесто се жалат на јавните и туристичките услуги, на гаранцијата, долгата испорака на мебелот, телекопмуникациските услуги, на брзото расипување на производите. Со законските измени се очекува асоцијацијата да може да презема акции.
- Информациите и контактите со потрошувачите ги правиме преку директен контакт, со брошури, информации за да ги видиме нивните проблеми. Но, потрошувачите доволно не си ги знаат своите права, а потребна е едукација за законските прописи. Па пример, во Скопје месечно се јавуваат преку 150 граѓани кои бараат помош, поддршка, особено едукација за законските прописи, вели Лончар Велкова.
Од асоцијацијата стигнуваат предупредувања за најнови опасности за потрошувачите.
- Најнова опасност може да биде дигиталниот пазар. На пазарот во Европа се кукли кои зборуваат. Тие се шпионски, се регистриаат во домот. Затоа внимавајте. Од норвешкиот совет за потрошувачи стигна и предупредување на флуоресцентните пакувања на производите кои може да имаат влијание на животната средина и на здравјето на луѓето, потоа играчките кои може да имаат фталати, штетни за репродуктивните органи. Кај нас, таквите играчки во добар дел се повлечени. Најбитна е комуникацијата меѓу институциите иинспекциските служби. Очекуваме со законските измени кон крајот на годинава, а кои би стапиле во сила во јуни в година, Организацијата на потрошувачите освен советодавна улога, да може да стапува во конкретни акции, вели Лончар Велкова.
Според Ката Стојановска, раководител на одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство, македонските законски прописи се компатибилни со ЕУ-стандардите. Агенцијата и инспекциските служби будно следат што се внесува во земјава и што им се нуди на потрошувачите. Голема опасност може да бидат производите поврзани со храната.
- Да се внимава на пакувањата, амбалажите на храната, а опасност може да бидат и машини. Така на пример во 2016 година беа уништени околу 5.000 килограми производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. најмногу се однесуваше на машина за производство на храна, а останатото беше прибор за храна: виљушки, лажици, чаши и други призводи кои се во контакт со храната, а се штетни. Лани немаше уништени производи, а годинашните податоци се уште се процесуираат, вели Стојановска.