Иако абортусот во Белгија беше делумно декриминализиран во 90-тите години, прекинот на бременоста се уште е запишан во Кривичниот законик, нов предлог закон на владиното мнозинство во Белгија од денеска се разгледува во Парламентот.

Сегашниот закон предвидува дека законскиот рок за прекин на бременоста е 12 недели, притоа на жената мора да и бидат оставени минимум седум дена да размисли дали е сигурна дека сака да абортира, додека нејзиниот лекар мора да се осигура дека пациентката е во „растревожена состојба“, и сите информации за посвојување мораат да и бидат пренесени.

Новиот предлог-закон го задржува законскиот рок од 12 недели, но периодот на „размислување“ ќе може да биде скусен во одредени случаи. Одредбата за утврдување „растревожена состојба“ кај жената се отстранува, но останува делот за информациите околу посвојувањето.

Предлог-законот предвидува и укинување на членовите во белгискиот Кривичен Законик кои се однесуваат на абортусот. Меѓутоа, кривични санкции и понатаму за задржуваат за одредени случаи, како прекин на бременост надвор од условите предивдени во законот, за жената и за тој кој го вршел абортусот, санкции се предвидени и за абортусите кои предизвикале смрт, без разлика дали жената била согласна или не.

Конкретно, на пример, доколку жената абортира пред да заврши рокот на „размислување“, таа и натаму може да добие затворска казна.

Социјал-демократска опозиција се противи на овој предлог-закон и го нарече „лажна декриминализација“ затоа што се задржуваат кривичните казни за жените кои абортирале надвор од критериумите запишани во законот.

Друг проблем според опозициските партии во Белгија е дека токму истото владеачко мнозинство, кое го предлага новиот закон за абортус, истовремено поднесе предлог-закон кој има за цел да му се додели „посебен правен статус“ на фетусот. Овој предлог е поднесен од страна на демохрстијанските коалициски партнери во белгиската Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 19:16