Европската Комисија објави јавен прашалник во рамки на консултациите за укинување на сезонското пресметување на времето, јави дописничката на МИА од Брисел.

Консултацијата доаѓа по резолуција на Европскиот Парламент изгласана во февруари годинава во која европратениците побараа од Европската Комисија да направи нова проценка за менувањето на времето во зима и во лето.

Сезонските пресметувања на времето беа воведени во 70-тите години за да се намали трошењето на енергетските ресурси. Но, оттогаш, повеќе студии покажале дека ова пракса има негативни ефекти врз здравјето на човекот, пореметување на сонот, како и зголемен број на сообраќајни несреќи.

Според пратениците кои се изјаснија за укинувањето на промените во пресметувањето ефектот врз енергетската заштеда е „минимален“. Но, повеќе министерства во земјите членки на ЕУ утврдиле дека сезонското пресметување сепак носи значајна енергетската заштеда и со тоа намалување емисиите на ЦО2.

Консултацијата на Европската Комисија трае до 16 август и е достапна на веб-сајтот на институцијата.

Зависно од резултатите, ЕК ќе препорача зачувување на сезонското пресметување или негово целосно укинување во цела Европска Унија, порача портпарол на ЕК.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 19:18