Македонија е мало стопанство и за да напредува потребно е да има голем пристап до надворешните пазари и да се поврзува со големите компании, вклучувајќи се во производство за делови за некој нивни конечен производ.
Ова го истакна денеска македонскиот економист и политиколог Владимир Глигоров во интервју за МИА, дадено на маргините на петтиот годишен состанок на Управниот одбор на Стратегијата за ЈИЕ 2020 во рамки Советот за регионална соработка, кој се одржува во Брисел.
Глигоров на прашањето што и недостига на Македонија од економски аспект во овој период, вели дека предвид треба да се земе опкружувањето на земјата.
- Македонија е многу мало стопанство, значи за да оди напред мора да има доста голем пристап до надворешните пазари. Од друга страна Македонија нема излез на море и таа не е опкружена со соседство, налик на Шведска и Норвешка, туку со Србија, Албанија, Грција и Бугарија. Грција изминатите десет години беше во тешка криза. Од оваа појдовна точка треба да се гледа како да се воспостават врски со поразвиените европски земји. Во последно време има зголемување на трговија и на инвестициите со Германија. Во голем дел тука улога игра извозот и тука е надежта за поврзување со овие поразвиени земји. При што не станува збор Македонија да произведува цел еден производ, туку да произведува делови во рамки на соработката со т.н. мултинационални компании, кои собираат разни делови од различни земји за еден конечен производ, вели Глигоров.
Додаде дека мошне важен аспект на економскиот напредок е вложувањето во образованието, висококвалификувана работна сила.
Во Брисел утре во рамки на состанокот на Советот за регионална соработка ќе биде презентирано четвртото истражување на јавното мислење и стопанствениците - Балкански барометар 2018, а Глигоров за МИА вели дека интересен феномен од новото истражување е тоа што меѓу деловните луѓе има поголем оптимизам во споредба со перцепциите на јавноста.
Нагласува дека Барометарот го мери моменталното расположение, а минатата година била мошне лоша од економска гледна точка за Македонија, при што се очекувало дека тоа ќе влијае на расположенијата и очекувањата.
- Тоа не се гледа толку на Балкан барометарот, но може да се оцени дека постоеше одредена подготвеност да се плати цената за да се направи политички пресврт. Интересно е што и јавноста и стопанствениците се на мислење дека овие промени се практично неопходни и дека таа цена мора да се плати во другите земји, нагласи Глигоров во интервјуто за МИА, кое в сабота ќе биде објавено интегрално.