Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека поранешниот министер за инфраструктура, Љутфи Жарку, од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), е виновен за 53-те милиони евра кои Владата ги исплати на компанијата која го гради автопатот Приштина-Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница во Собранието, посветена на пратенички прашања, Харадинај истакна дека, наместо да ги подмири долговите кон фирмата „Бехтел-Енка“, Владата на ЛДК парите ги пренаменувала за општините кои ги водела таа партија.

Според Харадинај, виновен за неисполнетите обврски кон компанијата, поради кои Косово плати 53 милиони евра, е тому поранешнито министер Жарку, кој во 2017 година додал 30 непланирани проекти за општините во вредност од девет милиони евра, а во 2016 година дури 116 непланирани проекти.

Пратениците на опозицијата изразија сомнеж за коруптивна зделка на Владата, за што пред се го обвинија актуелниот министер за инфраструктура Паљ Лекај, со фирмата која го гради автопатот од Приштина до границата со Македонија во Генерал Јанковиќ.

Седницата беше прекината без заклучок по ова прашање по седумчасовна расправа и нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано од спикерот Кадри Весели.

Се очекува на продолжението на седницата опозицијата да поднесе за гласање резолуција, со барање за истрага во врска со договорот со „Бехтел-Енка“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 22:46