Македонската музичка ѕвезда Владо Јаневски го промовираше видео записот за песната „Главен град на тагата“, што е уште едно од неговите врвни музички изданија.

Песната е ново авторско дело на Владо Јаневски, со аранжман на Роберт Билбилов и во продукција на Дарко Димитров. Спотот е снимен во текот на минатиот месец во Скопје на познати градски локации, пренесувајќи ја летната атмосфера, љубовта и младешкиот дух со кои зрачи и песната. „Главен град на тагата“ е трета песна на Владо Јаневски, чиј видео запис е снимен со поддршка од „Витаминка“, по спотовите за песните „Ајде води ме“ и „Последна заблуда“.

Јаневски во интервју за МИА зборуваше за своите почетоци во кариерата, идните планови и неговите претстојни концерти, кои македонската публика ги очекува со нетрпение.

Роберт Билбилов и Дарко Димитров се дел од тимот со кои соработувавте за песната „Главен град на тагата“. Дали за Вас важи онаа изрека „тимот што победува, не се менува“?

- Ова не ми е победнички тим. Јас ги менувам, ги ротирам. На пример со Дарко не сум работел во последните пет-шест години, а со Билбилов мислам дека ова ми е прв аранжман од него. Така што имам идеи и за нови луѓе, не ми е ова сосема безбедна варијанта, како што ми е се на пример Никша Братош во Загреб, Григор Копров... Ова ми се нови ликови, кои ми го освежуваат каталогот со понови, модерни песни. Кога барам нова, модерна песна знам кај кого да се обратам.

Вие сте еден од најголемите, ако не и најголем хитмејкер во Македонија, познат по најубавите и безвременски стихови. Дали некоја од вашите нови песни претендира да стане евергрин, како што се случи со претходните песни „Чаирска романтика“, „Некогаш и негде“, „Евергрин“ и многу други?

- Обично кога одам на настапи им кажувам на некои мои луѓе „еве сега ќе ви отпеам една нова песна“, а сите ми викаат „добри ти се новиве, ама тие старите ти се подобри“. Мое мислење е дека за да биде добра некоја стара песна, прво треба да биде добра нова песна. Сметам дека само публиката е судија дали новата еден ден ќе стане добра стара песна. Тоа никој не го знае. Во нашиот бизнис се е тоа коцка. Никој не знаел дека „Некогаш и негде“ после 20 години ќе биде толку слушана како во старите добри времиња.

Дали размислувате во иднина повторно да учествувате на некој од фестивалите?

- Јас одамна завршив со фестивалите. По „Евровизија“ не сум бил ниту на еден фестивал и сметам дека откако ќе учествуваш на најдобриот фестивал во Европа, не гледам причина потоа да се појавиш на друг. Јас откако го достигнав врвот во мојата работа, учеството на „Евровизија пред 20 години“, си реков дека тоа е тоа, бидејќи почнав од најбедниот фестивал во Македонија и стигнав до најдобриот во Европа. На првиот фестивал ме гледале 150 луѓе во публика, а на вториот 150 милиони. Затоа одлучив дека треба да прекинам со фестивалите, бидејќи се потоа е само враќање назад. Тоа беше моја концепциска одлука, а не дека ми престанала желбата да пеам. Сеќавајќи се на моите почетоци мислев дека не е фер да му го држам местото на фестивал што мене ми е „дежа ву“, на некој нов, кому можеби тоа ќе му биде шанса и отскочна даска. Кога зборувам за моите почетоци, јас денес немаше да седам овде без „Црно тиквешко“. Мене „Евровизија“ не ме направи пејач, туку песната Црно тиквешко на „Интерфест“ во Битола пред 200 луѓе ми беше „трамболина“. Јас моите сиромашни почетоци нема да ги заборавам никогаш.

Дали и каде планирате да ја промовирате песната „Главен град на тагата“ низ Македонија?

- Јас сум фирма што работи веќе 25 години и веќе имам испланиран начин на работа. Тоа подразбира дека штом се издаде песна тогаш треба да се изработи и спот. Откако ќе се направи спот, тогаш треба да се отиде меѓу луѓето. Ако ти е добра песната и мислиш дека имаш хит, тогаш треба да одиш на концерти, а ако се организираат концерти тогаш сметаш дека е подобро да се случи во живо, отколку да имаш матрица. Значи едното си го влече другото. Кај мене нема изненадувања, туку се знаат правилата на игра. Еве оваа година следува песна, па потоа спот, а спотот си бара телевизиска промоција, која ќе ја искористам за да ги најавам концертите. На 2 август ќе одржам концерт во Античкиот театар во Охрид, на 17 август сум во Струмица со бендот во рамки на Струмичко лето, на 24 август на Широк сокак во Битола, на есен во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. За разлика од моите колеги немам апетити да настапувам надвор од Македонија, јас сакам да сум дома. Јас се откажав од мојата кариера на Балканот истиот ден кога загина Тоше Проески. Ние одевме заедно во пакет. Ако се сеќавате „Аворд“ имаше само двајца ексклузивци во 1997 година, јас и Тоше. Кога настапувавме во Сити рекордс во Србија и во Хит рекордс во Хрватска ние одевме заедно. Секој што го издаваше албумот на Тоше, го издаваше и мојот албум. Оној ден кога Тоше загина, тие таму рекоа дека штом нивниот фаворит повеќе го нема, тогаш не планираат веќе да го промовираат ниту Владо Јаневски. Едноставно престана нивната обврска да се ангажираат со мојата кариера.

Дали сте размислувале да снимите некоја дуетска песна во блиска иднина и со кого би сакале?

- Не е тајна дека дуетите се средство за пробивање на нови пазари. Во оној момент додека се уште игравме на регионална кариера, заедно со Тоше, баравме и биравме луѓе кои ќе ни помогнат во тоа. Беа Тијана Дапчевиќ за Србија, Весна Писаревиќ за Хрватска. А овде во Македонија моите колеги сега имаат императив да прават такви песни со Срби, Босанци и затоа јас немам намера да им се наметнувам на луѓето.

Имате ли некоја неостварена желба во однос на музиката?

- Да ме прашавте пред 10 години ќе ви кажев дека тоа е да ме сакаат во Белград, во Загреб, во Љубљана, да правам 50 концерти годишно наместо пет. Но денес, не. Сега ми е доволно само да се разбудам наутро и да помине уште еден ден, а од утре ќе размислувам за понатаму. Толку сум сконцентриран на сегашноста, што ги отфрлив сите планови за иднината. Годините и искуството ме научија дека „ако сакаш да го насмееш Господ само кажи му што планираш“.

Дали гледате некој ваш достоен наследник на македонската музичка сцена?

- Не е поентата да има уште еден Владо Јаневски на македонската сцена. Треба да се појави сосема ново име, со нов лик и со нова музика, ама да ги погоди луѓето на исто место. Јас би бил пресреќен кога би постоел уште еден човек со остро перо, со култивирана мисла, како што биле моите идоли Балашевиќ и Бајага. Се надевам дека некаде некое дете чита книги, размислува убаво и слуша добра музика за да може еден ден да издаде песна која ќе може да допре на вистинското место. Човек не се раѓа со тоа, туку треба да вложи време и труд, да ја дисциплинира сопствената мисла и својот естетски вкус во музиката и ако тоа еден ден се преточи во песна, која ќе допре до срцето, тогаш работата е завршена успешно.

Габриела Точко



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 22:47