По серијата консултации со европските водачи, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека е разочаран од нивните предлози за спасување на нуклеарниот договор со Иран, по американското повлекување.
Рохани зборувал телефонски со претседателот на Франција, Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел, да ги слушне нивните предлози како Договорот да остане во сила и без САД. Европските земји му нудат трговски договори на Иран со кои би се искомпензирале штетите кои земјата ќе ги претрпи поради одново воведените американски санкции, а за возврат се надеваат дека Иран и понатаму ќе ја држи замрзната својата нуклеарна програма.
- Европскиот пакет на економски мерки не ги исполнува сите наши очекувања. Предлозите не содржат план за дејство, ниту пак јасна насока кон подобрување на соработката. Беа содржани само некои општи ветувања, изјави Рохани, пренесе иранската агенција Тасним.
САД го обвинија Иран за кршење на Договорот, особено со иранската поддршка за шиитските групи во низата граѓански војни и судири што се водат низ Блискиот Исток, и администрацијата на Доналд Трамп најави дека ќе ја сузбива иранската агресија со кратење на приливот на средства од продажбата на нафтата.