Шефот на косовската дипломатија, Беџет Пацоли ја демантира синоќа информацијата што неколку часови порано ја објави неговиот српски колега, Ивица Дачиќ, дека Папуа Нова Гвинеја е шестата земја која го повлекла признавањето на независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
- Дачиќ очигледно решил повторно да продолжи со измислици и фалсификати во однос на Косово. По поранешните фалсификати, кои му се вратија како бумеранг, тој покажал документ, подготвен кој знае каде, за наводно повлекување на признавањето, напиша Пацоли на Фејсбук.
Министерот за надворешни работи на Косово тврди дека Приштина, преку своите дипломатски претставништва, одржува постојани контакти со сите држави во светот во овој правец и дека има „извонредни односи со Папуа Нова Гвинеја“.
- Измислиците на Дачиќ веќе се сметаат за одвратни, посебно по случаите со Либерија, Гвинеја Бисао, Гана и така натаму. Во наредните денови, по пат на дипломатски канали, ќе се потврди сето. Република Косово бележи незапирливо јакнење и консолидација како држава, му се допаѓало тоа на Белград или не, напиша Пацоли.